Четири дебитанти на Светското првенство 2026: Подвигот на „ватрените“ од 1998 година сѐ уште се памети
Узбекистан, Јордан, Курасао и Зеленортските Острови за првпат ќе настапат на Светско првенство, приклучувајќи се на листата репрезентации кои низ историјата дебитирале на мундијалите. Малкумина успеале веднаш да остават длабока трага, а меѓу најуспешните дебитанти останува Хрватска со бронзата освоена во Франција во 1998 година.
Со проширувањето на Светското првенство на 48 репрезентации, на Мундијалот во 2026 година за првпат во историјата ќе настапат четири национални селекции – Узбекистан, Јордан, Зеленортските Острови и Курасао.
Ова историско проширување им овозможи на помалите фудбалски нации да се најдат на најголемата светска сцена и да испишат нови страници во својата спортска историја.
Доколку не се сметаат 13-те репрезентации кои учествуваа на првото Светско првенство во Уругвај во 1930 година, кога сите селекции беа дебитанти, во следните децении уште 67 држави за првпат настапија на мундијалите. Во 2026 година на таа листа ќе им се придружат уште четири нови имиња.
Интересно е што досега само една репрезентација успеала да стане светски шампион уште на своето деби. Тоа беше Италија во 1934 година. Меѓу најуспешните дебитанти во историјата се вбројува и Хрватска, која на Светското првенство во Франција во 1998 година стигна до бронзениот медал.
Италија веднаш до титулата
На својот прв настап на светските првенства, Италија веднаш ја освои шампионската титула. На истиот турнир дебитираа и Чехословачка, која беше вицешампион, Германија која заврши на третото место и Австрија која го освои четвртото место.
По тој успех, светскиот фудбал чекаше дури 32 години за нов голем подвиг на дебитант. Тоа се случи на Светското првенство во Англија во 1966 година, кога Португалија стигна до бронзениот медал предводена од легендарниот Еузебио, кој беше и најдобар стрелец на турнирот.
Португалците во четвртфиналето по драматичен натпревар ја совладаа уште една дебитантска селекција – Северна Кореја со 5:3, а Еузебио постигна четири погодоци.
Хрватска го воодушеви светот
На следниот голем подвиг на дебитант повторно се чекаше 32 години. На Светското првенство во Франција во 1998 година, Хрватска под водство на легендарниот тренер Мирослав Блажевиќ го воодушеви фудбалскиот свет освојувајќи го третото место.
„Ватрените“ на својот прв настап стигнаа до бронзениот медал, а Давор Шукер со шест голови беше најдобар стрелец на турнирот.
Четири години подоцна, Сенегал приреди едно од најголемите изненадувања во историјата на мундијалите. Африканската селекција на отворањето на Светското првенство во Јапонија и Јужна Кореја ја победи тогашната светска шампионка Франција со 1:0, а подоцна стигна до четвртфиналето, каде што беше елиминирана од Турција по продолженија.
На Светското првенство во Германија во 2006 година, Украина како дебитант исто така стигна до четвртфиналето, каде што беше запрена од подоцнежниот светски шамион Италија.
Дебитанти по светски првенства
1930: Аргентина, Чиле, Франција, Мексико, Југославија, Бразил, Боливија, Уругвај, Романија, Перу, САД, Парагвај, Белгија
1934: Австрија, Чехословачка, Египет, Германија, Унгарија, Италија, Холандија, Шпанија, Шведска, Швајцарија
1938: Куба, Индонезија, Норвешка, Полска
1950: Англија
1954: Јужна Кореја, Шкотска, Турција
1958: Северна Ирска, СССР
1962: Бугарија, Колумбија
1966: Северна Кореја, Португалија
1970: Ел Салвадор, Израел, Мароко
1974: Австралија, Источна Германија, Хаити, Заир
1978: Иран, Тунис
1982: Алжир, Камерун, Хондурас, Кувајт, Нов Зеланд
1986: Канада, Данска, Ирак
1990: Костарика, Ирска, Обединети Арапски Емирати
1994: Грција, Нигерија, Саудиска Арабија
1998: Хрватска, Јамајка, Јапонија, Јужна Африка
2002: Кина, Еквадор, Сенегал, Словенија
2006: Ангола, Брегот на Слоновата Коска, Гана, Того, Тринидад и Тобаго, Украина, Чешка
2010: Словачка
2014: Босна и Херцеговина
2018: Исланд, Панама
2022: Катар
2026: Узбекистан, Јордан, Курасао, Зеленортски Острови